3.000 денари за 100 средношколци од Скопје - ова се условите

Градските власти првпат воведуваат стипендирање за спортисти средношколци кои се жители на Скопје и учат во средните училишта во Скопје. Јавниот повик е објавен денеска, а ќе трае 10 дена, заклучно со 26 април 2018 година. 

Ќе се изберат 100 стипендисти средношколци, кои во текот на осум месеци во тековната 2018 година ќе добиваат стипендија од 3.000 денари месечно (плус платен персонален данок), средства обезбедени од буџетот на Град Скопје.

Право на добивање стипендија на овој повик имаат државјани на Република Македонија кои имаат статус на редовен или вонреден ученик во средно училиште на подрачјето на Град Скопје. Потребно е тие да се жители на Скопје, да се активни спортистки и спортисти, членови на спортски клубови регистрирани на подрачјето на Град Скопје и да се регистрирани во националните спортски федерации во Македонија; да имаат високи спортски постигнувања во претходната 2017 година и во 2018 година, се до завршувањето на јавниот повик.

Сите заинтересирани овој јавен повик може да го погледнат на веб страницата на Град Скопје http://skopje.gov.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=654. Дополнителни информации може да се добијат и на телефонските броеви 02/3297-238 и 02/3297-320.

Пријавите треба да се достават до Град Скопје, преку пошта на адресата булевар „Илинден“ број 82, 1.000 Скопје или во архивата на Град Скопје (барака број 16), секој работен ден до 19:30 часот, а најдоцна до 26 април 2018 година до 15 часот. 

 

 

 

17.04.2018 - 13:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа