Груевски: На 15 октомври ќе дојде новата ера каде ќе нема неасфалтирана улица, парк во секое маало и нови 150 илјади работни места

Тие повикуваат дека 15 октомври бил крајот, јас ќе им порачам дека 15 октомври е почетокот, почетокот на новата ера на доаѓањето на светлината, ние ја нудиме новата ера во која нема да има неосветлена или неасфалтирана улица, новата ера во која ќе има парк во секое маало, но и новата ера на 150 илјади нови работни места во Македонија до крајот на следната декада и со намалување на невработеноста под 10 проценти, ова го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг во Аеродром.

-Во претходната декада наследивме 560 илјади вработени луѓе, а оставивме 733 илјади вработени, а тоа е зголемување за 173 илјади нови работни места. Тоа е ВМРО, тоа е оваа Коалиција за подобра Македонија, тоа е разликата меѓу нас и затоа ние можеме да кажеме дека во наредната деката можеме да отвориме најмалку 150 илјади нови работни места за граѓаните.

 

Тој кажа дека нудат нова ера на 2.5 пати повисок приход по жител – односно од 5 на 12 илјади долари.

-Нова ера на најниски даноци. Поголеми плати, пензии субвенции. Нова ера во која ќе секоја општина во државата, учениците од прво до петто ќе имаат бесплатен здрав оброк на училиште, а до крајот на мандатот ќе се потрудиме и до 9-то одделение. Со овој проект директно влијаеме на здравјето на младите, кои ќе имаат сигурен здрав оброк, но и директно се помага на домашнито буџет на секое младо семејство, а родителите имаат заштеди од 600 денари месечно за едно дете, изјави Груевски.

Тој во Аеродром ги најави и новите два проекти на ВМРО-ДПМНЕ:

Проект: Стекнување на сопствен дом

Овој проект е значаен посебно за младите семејства кои сакаат да стекнат сопствен дом. Со овој проект, ќе овозможиме семејствата кои немаат сопствен дом, да можат да дојдат до сопствен дом со многу пониски трошоци, изјави Груевски.

Проектот ќе опфати:

Обезбедување на локации и земјиште за изградба на нови куќи од страна на општината. Земјиштето ќе биде поделено на парцели и понудено за купување на аукција по симболична почетна цена од само 1 евро по квадратен метар. Општината ќе ги укине или намали трошоците за граѓаните за комуналии, на следниов начин:

– семејства со приход до 1 просечна нето плата во РМ (во моментов изнесува 22.670 денари месечно) – 100% или целосно ослободување од комуналии. За оваа категорија на граѓани земјиштето ќе биде дадено бесплатно.

– семејства со приход од 1 до 2 просечни нето плати (од 22.670 до 45.340 денари месечно) – 75% ослободување од комуналии

– семејства со приход меѓу 2 и 3 просечни нето плати (од 45.340 до 68.010 денари месечно) – 50% ослободување од комуналии и

– семејства со приход од 3 до 5 просечни нето плати (од 68.010 до 113.350 денари месечно) – 25% ослободување од комуналии

Втората компонента на овој Проект се однесува за надградба на постоечки куќи. Предвидуваме ослободувањето или намалувањето на комуналии да може да се користи и во овој случај, доколку некое семејство сака да изврши надградба на кат на постоечка куќа. Процентите на намалување на комуналиите се идентични како при изградба на нова куќа.
Отпис на долгови за социјално загрозени семејства

Во сите општини во кои ќе победат градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За Подобра Македонијa, ќе извршиме еднократен отпис на достасани долгови за вода и ѓубретарина заклучно со 30.09. 2017 година, за граѓани од социјално загрозени семејства, и тоа:

Приматели на социјална ипостојана парична помош (околу 35.000 лица).Семејства кои што се приматели на посебен додаток, односно имаат лица со пречки во развојот (околу 8.000 лица) Семејства коишто се во потешка материјална состојба, односно имаат приходи помали од просечната плата во Република Македонија. Овој проект произлезе од нашите средби што ги имавме со лицата од социјално загрозени семејства и честите барања за ослободување од плаќање на сметки за вода и комуналии. Со оваа мерка ќе се избегнат и утужувањата и трошоците за извршители за сите лица и семејства опфатени со овој Проект.

Отписот на долгови за вода и комуналии ќе биде донесен како мерка на првата седница на новиот Совет на Општините и ќе стапи во сила веднаш, односно од ноември 2017 година!

Тој порача граѓаните да бидат сигурни дека власта е во голема паника.

-Тие се во паника затоа што вие забележавте дека овие луѓе не можат да постигнат ништо во текот на своето владеење. Мислеа или се надеваа дека не можете тоа да го видите и разберете, но не само што останува забележано туку и се чуствува со секој изминат ден. Овие луѓе од власта се неспособни. Тие се неспособни, тие се практиканти без искуство и капацитет, тие не знаат економија, не знаат инвестиции, работа во локална самоуправа. Тие се толку вознемирени и немаат конкретна идеја и план што да направат со тоа, тие оставија сè друго настрана и само фрлаат кал врз мене. Тие велат: “ние самите не можеме да сториме ништо, барем да го деградираме Груевски и да го обесхрабриме ВМРО и коалцијата”. Не го трошете вашето време. Ова нема никаква смисла. Ние сме горд глас на оваа нација, ние сме независен глас на Македонија. Ние сме Македонија. Нашето разбирање на работите е дека луѓето се на прво место.

Тој кажа дека нвината  цел е да го зголемат квалитетот на животот и животниот стандард на сите граѓани.

-Колку и да тврдиме дека сакаме победа на локалните избори, ние пред се сакаме да ги освоиме срцата на луѓето и да помагаме. Сакаме да ги допреме нивните животи. Работевме за да се осигураме дека секој граѓанин добива добра услуга, добри проекти и решенија за своето место, изјави Груевски.

Тој напомена дека нивната цел е да обезбедат решенија за секој граѓанин на нашата држава, за да ги достигне стандардите на граѓаните од развиените земји во светот, нашите деца да добијат подобро образование, за нашите млади да имаат повеќе работни места, за нашите работници да имаат повеќе приходи, за нашите пензионери да добијат повисоки пензии, подобри социјални и здравствени услуги.

-Ние не бараме само победа на претстојните избори, ние размислуваме, им даваме приоритет на утрешните генерации. Ние размислуваме 10 години нанапред. Размислуваме 20 години нанапред. Имаме соништа, имаме визија, имаме храброст, љубов и вера. Тоа е нашата главна разлика и квалитет од другите, изјави Груевски

 

 

 

 

12.10.2017 - 19:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа