Парламентарни избори во Австрија: Тројца кандидати во трката за канцелар

Нешто над 6,4 милиони Австријци со право на глас, в недела ќе избираат нов состав на Долниот дом на австрискиот Парламент, Националниот совет.

Во трката за 183-те места во Националниот совет учествуваат 17 листи на партии и коалиции, но се очекува во новиот парламентарен состав места да обезбедат само шест од нив.

 

Последните анкети на јавното мислење покажуваат дека победникот на изборите ќе треба да се бара меѓу конзервативната Австриска народна партија (ОВП) на Себастијан Курц и екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО) на Хајнц-Кристијан Штрахе.

Според анкетите, ОВП може да очекува меѓу 30 и 34 отсто, а ФПО меѓу 27 и 32 проценти. На трето место е Социјалдемократската партија на Австрија (СПО) на канцеларот Кристијан Керн, која може да се надева на меѓу 23 и 27 отсто од гласовите.

Места во Парламентот се очекува да освојуа уште Новиот австриски и либерален форум (НЕОС), кој ужива поддршка на меѓу пет и девет отстот од гласачите, Листата на Петер Пилц, која може да се надева на меѓу четири и осум проценти и партијата Зелени – Зелена Алтернатива, за кој ќе гласаат меѓу три и шест отсто од избирачите.

Доколку ваквите прогнози се остварат на гласањето в недела, Австрија ќе се соочи со неизвесност околу тоа кој ќе биде идниот австриски канцелар. Во трка за ова место се лидерите на трите водечки партии – Керн, Курц и Штрахе.

Лидерот на социјалдемократите, Керн, ја презеде канцеларската функција во мај 2016 година, наследувајќи го непопуларниот канцелар Вернер Фајман, кој поднесе оставка по катастрофалните резултати на СПО на ланските претседателски избори.

При преземањето на должноста, Керн важеше за „ново лице“ и „енргичен човек“, кој не беше дел од партиската елита и кој неколку години успешно раководеше со австриската државна железница.

Иако 51-годишниот Керн пораснал во скромно семејство во работнички кварт на Виена, денес многу малку од ова потекло е видливо на него, почнувајќи од дизјанерските костуми, па до неговите манири на интелектуалец.

Шефот на дипломатијата и лидер на конзервативците, 31-годишниот Курц, во текот на кампањата се наметна како најсериозен кандидат за иден канцелар. Тој влегува во политика уште од младински денови, а на 24-годишна возраст од член на виенскиот Градски совет преминува на местото државен секретар во Министерството за внатрешни работи, за три години подоцна да стане шеф на дипломатијата.

Тој од оваа позиција се наметна како противник на миграцијата и како човек кој е меѓу најзаслужните за затворање на балканската бегалска рута во 2016 година.

Во текот на кампањата тој привлече најголеми внимание со спотот во кој е прикажан како се искачува на алпски врв, пропратен со глас во пзоадина кој вели: „Да го направиш исправното е прашање на одлука, одлука која честопати мора да ја донесеш сам“.

Третиот кандидат за канцелар, Штрасе застана на чело на ФПО во 2005 година, кога партијата уживаше популарност од околу 10 проценти.

Во изминатава деценија тој го подобри рејтингот на партијата обидувајќи да ја позиционире повеќе кон центарот, па така ФПО на изборите во 2013 година освои над 20 отсто од гласовите, а лани на претседателските избори нејзиниот кандидат за малку ќе станеше шеф на државата.

Иако уште од студенски денови е активен во екстремно десничарските групи, 48-годишниот Штрасе сега се обидува на неговата партија да и даде либерален имиџ, изнесувајжи поумерени изјави и ставови за многу прашања, пред се за миграцијата.

Имајжи го предвид очекуваниот распоред на силите во новиот Национален совет, речиси сигурно новата влада ќе ја формираат две од трите водечки партии.

Како најверојатна се смета идна влада на сегашните коалициски партнери СПО и ОВП, но не се исклучуваат ни други комбинации. Коалициска влада меѓу ОВП и ФПО, постоеше во Австрија од 2000 до 2007 година, а во јуни годинава и СПО најави дека е „во одредени околности би можела да се откаже од забраната за коалицирање со есктремната десница“.

 

 

 

 

13.10.2017 - 13:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа