Тажна вест: Почина сопругот на данската кралица

Принцот Хенрик, сопруг на данската кралица Маргрете Втора, почина на 83 години, соопшти данскиот кралски дворец.

Принцот починал синоќа кусо време пред полноќ во сон, во дворецот Фреденсборг, околу 40 километри северно од Копенхаген. Кралицата и неговите двајца синови биле со него.

Принцот од минатиот месец се лекуваше од воспаление на белите дробови во болница во Копенхаген, но откако неговата сотојба се влоши, беше преместен во дворецот во Фреденсборг.

Хенрик е Французин, роден во Таланс во Југозападна Франција. Неговото целосно име е Анри Мари Жан Андре, гроф де Лаборд де Монпеза. Во младите години живеел во Виетнам, каде татко му се занимавал со семеен бизнис. Во 1939 година, неговото семејство се вратило во Франција.

Хенрик студирал во језуитско училиште во Бордо. Во 1950 година се вратил во Ханој и таму завршил средно училиште, а потоа студирал право и политички науки на Сорбона во Париз. Тој исто така студирал кинески и виетнамски во Националната школа за ориентални јазици во Париз.

За време на неговата воена служба тој бил во алжирската пешадија од 1959 до 1962 година. Потоа се вработил во француското Министерство за надворешни работи на функции во Азија и на крајот во Француската амбасада во Лондон.

Во 1965 година во Лондон се запознал со данската престолонаследничка Маргрете, а во 1967 тие стапуваат во брак по што тој станал лутеранец и го сменил името во Хенрик.

Маргрете стана монарх во 1972 година. Таа и Хенрик имат двајца синови – Фредрик, роден во 1968 и  Јоахим, роден во 1969 година.

 

 

 

14.02.2018 - 10:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа