Ангелчо Андоновски: Визијата за регионална детска болница се исполнува

 

Детската болница за белодробни болести во Козле има визија да стане регионална детска болница, која ќе има најдобар квалитет на здравствени услуги, вели во интервју за Прес24, докторот специјалист педијатар Ангелчо Андоновски, медицински директор на Институтот за Белодробни болести кај деца Козле. Смета дека во моментов е потребно и доекипирање на кадарот.

-Имаме потреба од доекипирање имаме потреба од лекари, медицински сестри, хигиеничари. Толку години потребите на болницата не биле анализирани но сега веќе со новата систематизација ги знаеме реалните потреби за непречено функционирање на оваа врвна институција. Со помош на ресорното министерство, фондот и министерството за финансии би требале непречено да ги решиме овие проблеми кои секако се потребни за да може грижата за децата да биде на ниво. Проширувањето на буџетот од страна на фондот е исто така битна поддршка заради развивање на сите потребни педијатриски дисциплини а со тоа и здравјето на децата да биде наша задача која непречено ќе ја извршуваме, вели директорот Андоновски.

Во болницата во моментов има зголемен број на пациенти и поради деновите на загаден воздух. Д-р. Андоновски потенцира дека цел е развивање и на интезивната нега и на дијагностички центар, дури и правење на гастроскопии кај децата во дијагностички цели.

-Во склоп на Детската болница Козле постои и центарот за Цистична фиброза, тоа е посебна приказна во нашето опкружување, бидејќи болеста спаѓа во група на ретките заболувања. Тука имаме одредена проблематика околу работењето на овој центар. Во решавањето на овој процес се вклучени сите релевантни институции. Центарот мора да функционира во склоп на Детската болница Козле но мора да се доекипира и да бидат редовно доставувани сите потребни лекарства, тие лекарства се на товар на Министерството за здравство. Соработката меѓу двата тима од Детската универзитетска болница и Детската болница Козле треба да е постојана и да се надоградува се со цел здравјето и грижата за овие пациенти. Исто така воведувањето на лековите модерните лекарства на позитивна листа треба да бидат приоритет на Министерството за здравство. Оваа група на пациенти е специфична како и самата болест и има потреба од многу нешта за да животот на овие пациенти биде продолжен и поквалитетен, вели директорот Ангелчо Андоновски во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Последните денови се повеќе се чувствува загаденоста на воздухот во главниот град, а со тоа и зголемениот број на хронични заболувања. Каква е моменталната состојба во болницата во Козле, каде Вие сте раководител... Има ли зголемен број на дечиња со нарушени процеси во дишните патишта?

АНДОНОВСКИ: Во овој период од годината, нормално е да се очекува зголемен број на пациенти со белодробни заболувања. Знаејќи дека детската патологија е 80 % белодробна т.е воспаление на горен и долен респираторен систем сето ова е очекувано. Периодот што претстои означува и период на пониски температури како и  зголемено загадување на воздухот поради греење на домовите и на индустриските капацитети во главниот град.

Во Институтот за белодробни заболувања кај децата –Козле  каде капацитетот  е по 91 легла за деца и мајки во моментов има околу 70 пациенти.

Загадувањето само по себе ја  потенцира и влошува  ситуацијата кај децата со астма и хроничните белодробни заболувања. Поради тоа очекуваме и зголемен број на пациенти во Козле.

ПРЕС24:  Кои се најчестите последици кои ги чувствуваат децата од загадениот воздух?

АНДОНОВСКИ: Обично манифестациите се иритантна кашлица стручно позната како ларингиална кашлица, сува кашлица која не наведува кон појава на трахит, бронхеолит, и нормално појава на тонзилофарингитис т.е воспаление на горните дишни патишта и тонзилите.

Вообичаено ларингитот иритантната кашлица е знак дека загадувањето делува на здравјето кај децата.

ПРЕС24: Колку пи-ем 10 честиците можат да бидат причина за сериозни хронични заболувања?

АНДОНОВСКИ: Перманентно изложување на загаден воздух каде што  пи-ем 10 честичките предизвикуваат хемиско делување можат да предизвикаат доста тешки белодробни заболувања од типот на опструкции, пнеумонии па дури и несакани канцерогени заболувања. Но факт е дека тој период кога е најзагадено децата се згрижени преку ден во градинките и училиштата, а доенчињата во домовите. Родителите треба да го избегнуваат периодот од денот кога е загадено и своите деца да не ги изложуваат на загадениот воздух и соодветно да ги заштитат.

ПРЕС24: Има ли во Македонија, во здравствените институции, каква било анализа која укажува на загаденоста на воздухот и влијанието по здравјето на граѓаните? Ако има кои се најзначајните заклучоци?

АНДОНОВСКИ: Мислам дека сте запознаени дека овој проблем не е од сега и дека перзистира многу одамна. Мерни станици има инсталирано уште пред неколку години, сега и со мобилни апликации можеме да провериме колкаво е загадувањето и колкаво е присуството на ПМ 10 честичките во воздухот. Така да надлежните институции постојано информираат и даваат препораки и изнаоѓаат соодветни решенија како да се справиме со зимсково загадување. Сепак Скопје е котлина која е подложна како и сите големи метрополи на загадување поради низа предизвикувачи, решение мора да има и треба да биде заеднички изнајдено во соработка и со граѓаните и со подигање на нивната свест. Ние како лекари можеме да дадеме здравствени совети кои треба родителите и луѓето да ги почитуваат и да се придржуваат кон истите. 

ПРЕС24: Дали носењето заштитни маски може да го облажи штетното влијание од загадениот воздух?

АНДОНОВСКИ: Секако дека овие помагала можат да не заштитат но времено дур сме излезени. Тие треба да бидат специјални маски со активен јаглен или маски кои се специјално изработени да не пропуштаат одредени честички. Мислам дека на самите маски е означено од кои честички заштитуваат.

ПРЕС24: Вие сега сте раководител на Болницата за детски болести во Козле... Каква е состојбата во оваа болница? Пред се од аспект на медицински персонал, услови и грижа за здравјето на децата?

АНДОНОВСКИ: Институтот за белодробни заболувања кај децата Детска болница Козле постои од 1965 год, денес е веќе нов објект кој е според мене најдобар во споредба со другите здравствени детски установи. Условите се одлични и можат само да се унапредуваат. Инаку за воља на вистината, кога дојдов како раководител на оваа специјална болница, наидов на мноштво на проблеми кои потекнуваат од време на изведбата на оваа болница, тука е и канализациониот проблем. Можам да кажам дека со помош на нашите институции и со помош на општината Карпош и новиот градоначалник решивме доста технички проблеми а и проблемот со канализацијата. Реата и миризбата што се ширеа сега веќе ги нема а од пролет општината си го превзема проблемот и направи проект за целосно решавање на канализациониот проблем. Исто така ќе се направи специјален асфалтен пат кој ќе биде безбеден и ќе ја има потребната модерна изведба и изглед.

Кога сме кај медицинскиот персонал, имаме потреба од доекипирање имаме потреба од лекари, медицински сестри, хигиеничари. Толку години потребите на болницата не биле анализирани но сега веќе со новата систематизација ги знаеме реалните потреби за непречено функционирање на оваа врвна институција. Со помош на ресорното министерство, фондот и министерството за финансии би требале непречено да ги решиме овие проблеми кои секако се потребни за да може грижата за децата да биде на ниво. Проширувањето на буџетот од страна на фондот е исто така битна поддршка заради развивање на сите потребни педијатриски дисциплини а со тоа и здравјето на децата да биде наша задача која непречено ќе ја извршуваме. 

ПРЕС24: Кои се Вашите планови за оваа болница?

АНДОНОВСКИ: Пред се тие се многу и мислам дека веќе одамна почнав да ги исполнувам. Големината и стручноста на оваа институција се враќа, соработката со сите центри ширум Македонија е воспоставена, деца доаѓаат од целата држава. Исто така ќе ја прошириме и соработката и со соседно Косово од каде сите потешки случаи ќе бидат хоспитализирани и решавани во институтот. Можам да кажам дека визијата за регионална детска болница се исполнува. Од самото доаѓање во болницата веќе имаме и лабараторија која работи и во ноќна смена. Новата апаратура постојано е присутна во нашата установа. Донациите се постојани. Едукациите и решавањето на случаите е заедничко на кое работи целиот тим. Исто така покрај што работиме со таа проблематика кај нас во болницата е и бронхоскопски центар, составен од неколку извонредни тимови кои постојано работаат на тоа. Центарот за астма, слип апнеа, центарот за алергии и сите нови оддели кои ќе бидат подготвени, развивани и отворени во блиска иднина. Очекуваме помош донациска на нов рентген апарат и ултра модерно ехо со сите потребни сонди.

Цел е развивање и на интезивната нега и на дијагностички центар, дури и правење на гастроскопии кај децата во дијагностички цели. Во склоп на Детската болница Козле постои и центарот за Цистична фиброза, тоа е посебна приказна во нашето опкружување, бидејќи болеста спаѓа во група на ретките заболувања. Тука имаме одредена проблематика околу работењето на овој центар. Во решавањето на овој процес се вклучени сите релевантни институции. Центарот мора да функционира во склоп на Детската болница Козле но мора да се доекипира и да бидат редовно доставувани сите потребни лекарства, тие лекарства се на товар на Министерството за здравство. Соработката меѓу двата тима од Детската универзитетска болница и Детската болница Козле треба да е постојана и да се надоградува се со цел здравјето и грижата за овие пациенти. Исто така воведувањето на лековите модерните лекарства на позитивна листа треба да бидат приоритет на Министерството за здравство. Оваа група на пациенти е специфична како и самата болест и има потреба од многу нешта за да животот на овие пациенти биде продолжен и поквалитетен.

Сакам да напоменам дека досега не билно ништо направено за овој центар, луѓето беа и по телевизии и дискутираа за овој проблем но решение немало 11 години апсолутно никакво. Мислам дека во претстојниот период заеднички ќе го решиме овој голем проблем. Ние како лекари ќе направиме се за пациентите, но апелирам и до институциите да ни помогнат околу решавањето на овој суптилен и реален проблем. Досега гледам еден дебакл и голгота од страна на несоодветни поединци кои оваа го сметале за приватна сопственост, но тоа е веќе минато и мислам дека нема да дозволи никој да сето тоа се повтори. Сакам да јавноста биде запознаена дека условите во овој центар се извонредни и дека со мало доекипирање и правење на физичка поделба во иднина на центарот за деца и адулти ќе има голем успех. Ние буквално ја информираме јавноста дека центарот очекува лекарства постојано секој месец од Министерството за здравство но дури и користи и свои ресурси се со цел непречено функционирање на овој центар. Сепак мислам дека веќе долго дискутираме и решение мора да има.

Посебен буџет за овој центар и посебна грижа за овие пациенти. Од постоечките здруженија очекуваме помош, бидејќи имаат доста контакти, средствата се добро дојдени од сите страни за да можеме да го развиеме центарот по европски терк. Сепак болницата беше оставена со огромни долгови и сега секоја донација и помош ни е потребна. Но решение секако дека има и ќе биде реализирано во претстојниот период.

ПРЕС24: Македонија извесен период нема министер за здравство. Колку тоа се рефлектира врз нормалното функционирање на здравствените институции?

АНДОНОВСКИ: Конкретно сметам дека оваа не смее да се дозволи. Ние пак функционираме и сме на врвот на својата задача. Но сепак едно вакво есенцијално министерство не смее да биде оставено без прв човек. Здравството е најважниот столб на едно општество, треба човек кој ќе успее да ги отпочне сите потребни реформи и да ги отвори сите горливи прашања во врска со исцеденото и уништено здравство. Секако дека виновници има и треба да си поднесат одговорност а подоцна да следат цврсти и одлучни чекори кон спроведување на програмата која одамна е готова за да здравството етапно се развие и да профункционира. Рефлектирање на состојбата има, но сепак ние сме лекари и здравјето на пациентите е најбитно, затоа и функционираме.

ПРЕС24: Изминативе години бевте жесток критичар на претходната власт, односно на нејзините политики во здравствениот сектор. Од денешен аспект, мислите ли дека постојат можности за подобрување на здравствените услуги?

АНДОНОВСКИ: Без разлика на која и власт да е, јас ќе сум критичар на секоја лоша реформа и на секој лош и погрешен потег. Нормално е дека не постои безгрешност но тимската работа, заедничкото размислување, шерување на идеи, меѓусебна колегијална соработка, крај на реваншизмите и ставање на крај на суетите може да даде соодветен резултат. Иако подолг временски период ни беше одземен во работењето поради изборите кои ни се случија во моменти кога требаше да тргнеме силно кон реформирање и реструктуирање на оној хорор кој го наследивме пак повторно чекор по чекор работевме во рамките на законот и носевме решенија на кои дури сега ќе им следува реализација.

Несомнено е дека Министерството за здравство, фондот за здравство, бирото за лекови и  Владата на РМ покрај тоталниот хаос кој го најде работеа постојано и решенијата ќе следат за краток период. Подобрувањата ќе се секако во најосетливите моменти во здравството, социјалните случаи, децата со специјални потреби, ретките болести, болничките инфраструктурните проблеми, проблемите со платите на медицинските тимови и секако на начинот  на задржување на нашите кадри кои заминуваа постојано во изминативе 11 години.  Здравствената каса е празнена немилосрдно и непотребно, но сметам дека има решение кое етапно ќе биде спроведено да се надокнадат тие средства. Секако дека доекипирањето и модернизирањето ќе се битни моменти за квалитетно здравство квалитетен здравствен систем. Тука би ставил акцент на еден глобален унифициран централизиран здравствен информационен систем каде сите податоци за било кој пациент би ни биле на дофат, а со тоа и лекувањето побрзо и поквалитетно.

ПРЕС24: Што е она кон што најитно е потребно да се пристапи за реформа?

АНДОНОВСКИ: Нема најитно, се е итно бидејќи здравството толку години беше во колапс. Кога ги увидовме сите недостатоци тоа беше за неверување. Сега сме како пред една бездна и треба да го направиме мостот до наредниот брег. Ќе биде тешко ќе треба време но сепак програма имаме, имаме идеи и тие се ставени и зацртани да бидат исполнети. Од многуте  приоритетни ситуации меѓу најбитните е решавањето на социјалните случаи од здравствен апсект, ретките болести, смртноста на новороденчињата, и се онаа што го засега нашиот граѓанин кој си ги плаќа давачките спрема државата. Постојано сум присутен секаде и давам свој придонес во решавањето на проблемите во здравствениот сегмент и верувам на нашиот устав каде се водиме како социјална држава. Здравството треба секому да е достапно а медицинскиот персонал задоволен и на висина на својата хумана задачата.

 

 

 

25.12.2017 - 10:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа