Бошњаковски: Ако има сомнежи, ќе се бара одговорност од компанијата што го гради автопатот Демир Капија - Смоквица

 

Македонија  е целосно правна држава и секој што работи надвор од законите треба да понесе одговорност, рече владиниот портпарол Миле Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе побара истрага со оглед дека СДСМ додека беше опозиција бараше кривична одговорност за, како што тврдеа одлевање пари од сметката на грчката градежна компанија што го гради автопатот Демир Капија - Смоквица.

- Како Влада ова го повторуваме  девет месеци од нашето назначување - доколку има какви било сомнителни работи во однос на компанијата која ја споменувате се разбира дека ќе побараме одговорност, рече Бошњаковски.

Тој по синоќешната владина седница објави дека финализираат работите на автопатот Демир Капија - Смоквица, каде останува да се направи техничка употреба и оти ќе биде пуштен во употреба по 15 април.

Од Јавното претпријатие за државни патишта појаснија дека на автопатската делница Демир Капија - Смоквица се извршени потребните техничките контроли, завршени се електрификацијата и потребната сигнализација. До средината на месецов надзорот треба да ја достави целосната документација за изградбата по што ќе може да се пушти во употреба оваа делница со која се заокружува со целосно автопатско решение делот од Коридорот 10 низ Македонија.

Во изминатите неколку месеци на терен се работеше на изградба на Контролниот центар и на дислоцирање на далекуводот на автопатот, поради кои со анекс на Договорот беше продолжен рокот за изградба.

Изградбата на автопатот, во должина од 28 километри, почна во септември 2012 година. Инвестицијата изнесува 218 милиони евра, пари обезбедени од грант од Европската комисија, заем од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој, како и шест милиони евра од државниот буџет.

 

 

 

07.03.2018 - 14:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа