Девет милиони евра помош од Шведска преку обновената билатерална развојна соработка

 

 

После позитивните промени во Македонија и изразениот интерес на Владата да ја интезивира работата за неопходни реформи за пристап во Европската Унија, Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА) ја потврди одлуката на Владата на Шведска да ја обнови билатералната развојна соработка за 2018-2020 година.

Ова денеска го истакна генералната директорка на СИДА Керин Јамтин на потпишувањето на Договорот за развојна соработка и Договорот за општите услови на развојната соработка помеѓу Република Македонија и Шведска со заменик претседателот Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи. Финансиската помош во наредните години е во вредност од девет милиони евра.

Јамтин појасни дека соработката се однесува во зголемување на економската интеграција со ЕУ и развој на пазарната економија, зајакнување на демократијата со целосно владеење на правото и подобрување на животната средина и намалено климатско влијание.

- Покрај грижата за животна средина и родовата еднаквост, доброто владеење на правото, почит за човекот и анти-корупцијата се важни трансверзални приоритети во нашата соработка, истакна Јамтин и додаде дека европската интеграција е клучен процес за подобрување на животните услови за граѓаните на Македонија.

Вицепремиерот Османи денешниот настан го оцени како многу важен ден за односите меѓу Македонија и Шведска, бидејќи, како што рече, после 2012 година повторно се враќа билатералната соработка со оваа земја.

- Билатералната помош има двојно значење за Македонија. Прво како политичка порака за напорите што ги прави нашата Влада, да ја врати државата на евроатланската агенда и да ја подготви нашата земја за членство во ЕУ, истакна Османи.

Според него второто значење е финансиската помош од девет милиони евра за наредните години која значително ќе ги поддржи реформите и агендата меѓу кои се однесуваат на економската интеграција на Македонија и вклучување во заедничкиот пазар, човековите права..

 

 

 

12.03.2018 - 13:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа