Инспектори ги бележат терасите на кафеаните во Скопје

 

Инспектори во Град Скопје денеска почнаа да ги бележат терасите на кафеаните, за да се спречи узурпација на јавната површина, пренесува Инфомакс.

Инспекторите, заедно со работници од ЈП „Улици и патишта“ почнаа да ги бележат терасите до месттото каде столчињата и масите на кафеаните ќе можат да бидат поставени.

„Врз основа на издадените елаборати и Правилникот на Град Скопје за поставување летни тераси, одредуваме до каде може да бидат терасите. Онаму каде има отстапување им наложуваме на сопствениците да ги повлечат масите. Со тоа ќе се ослободат тротоарите за пешаците“, изјави раководителот на инспекторатот на Град Скопје Мирослав Богдановски.

Откако терасите ќе бидат обележани, таму каде што ќе има отстапки ќе следуваат казни. Казните се движат од 500 евра нагоре.

Одлуката која Советот на Град Скопје по предлог на градоначалникот Петре Шилегов ја изгласа на 11 април, предвидува на јавните површини на кои ќе се поставуваат маси и столици да има слободна проодна површина од 2,5 метри почнувајќи од рабниците или велосипедските патеки. На оние тротоари каде има дрва, столбови или друга опрема тогаш просторот за пешаци не треба да биде помал од 1,2 метри.

Угостителите во рамките на дозволената тераса да можат да постават и монтажна платформа со висина од 15 сантиметри, а настрешниците да бидат прицврстени со две греди кои треба исто така да се наоѓаат во рамките на обележаната површина за тераси.

 

 

 

20.07.2018 - 18:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега