Мичел во Грција - Коѕијас во Скопје за спорот со името

 

Американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, вчера во Скопје порача дека САД ги поддржуваат Македонија и Грција во напорите да најдат заедничко решение за прашањето за името.

- Единственото решение ќе биде заедничкото решение. Македонија презеде големи чекори напред во ангажирањето во преговори со нејзините грчки соговорници и ова е одлична можност за доаѓање до решение. Многу е важно двете држави да продолжат со преговорите, рече Мичел на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев по одржаната средба.

Тој посочи дека САД се ангажирани и ќе продолжат да бидат ангажирани во процесот, но оти двете држави треба самите да дојдат до решение.

- Мислам дека научивме од изминатите искуства и тоа треба да го нагласиме дека тајмингот и природата на нашата улога мора да одговара со нашите интереси. Ние се бориме за сите начела кои се наши заеднички начела како на Балканот, така и пошироко. САД се посветени на овој процес и јас самиот сум посветен, во исто време препознаваме дека единственото решение е решението што двете земји ќе го постигнат меѓу себе. Ги препознаваме напорите коишто и Македонија и Грција ги прават, но сакаме да дадеме поддршка на единствен начин. Ова не е наша одлука, ова е одлука ваша и на Грција. Можам да ве уверам дека ќе бидеме вклучени во процесот со наш ангажман, рече Мичел. 

Премиерот Заев за спорот за името изрази задоволство што процесот е влезен во финална фаза и ја потврди јасната подготвеност за вистински дијалог.

- Кога ви е тешко се викаат пријателите. Ние со Бугарија го решивме проблемот, дај Боже да им соопштиме на нашите пријатели дека постигнавме решение и со Грција прифатливо и за двете страни со зачувување на достоинството и идентитетот. Ќе продолжиме со преговорите, но ако има проблем повторно очекуваме помош од нашите пријатели на принципиелен начин, рече Заев на новинарско прашање во однос на можноста за помош од страна на САД. 

Инаку, новата средба на Димитров со неговиот грчки колега Коѕијас во Скопје, како што објави вчера грчкиот весник „Та неа“, ќе се случи на 22 и 23 март, кога шефот на грчката дипломатија треба да дојде во Скопје. Разговорите, се наведува, ќе бидат концентрирани на грчката нацрт спогодба за постигнување меѓународен договор што ќе биде основа за можен компромис за името, како и на прашањето со Уставот и начинот на имплементација на договорот за да се дозволи доделување датум за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО на Самитот во јули.  

 

 

 

14.03.2018 - 09:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа