Министерот Николовски на трибина со земјоделци и откупувачи во Струмица

 

Отворање нов откупно-дистрибутивен центар во Струмица во наредниот период и наоѓање нови пазари за пласман на земјоделските и градинарските производи од овој регион се приоритети за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, истакна  ресорниот министер Љупчо Николовски на денешната трибина со земјоделци и откупувачи од Струмичкиот регион.

Според Николовски,  денешната средба е продолжување на ваквите состаноци кои ги одржуваат низ клучните земјоделски региони во државата и во пресрет на откупната сезона.

- Програмите на Владата сметаме дека треба да ги споделиме со земјоделците, откупувачите и извозниците, односно целокупната наша работа да биде најотворена, јавна и транспаретна. Но, од друга страна да ги слушнеме коментарите, сугестиите и забелешките од сите. Затоа сметам дека овој модел заедно со подрачната единица, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Државниот инспекторат за земјоделство се убава можност за да ги решаваме отворените прашања и проблеми, рече министерот Николовски.

Земјоделците се интересираа дали е почната ревизијата на даденото земјоделско земјиште под концесија, бидејќи според земјоделците дадените површини не се обработуваат целосно и плус тоа истото земјиште се издава под закуп.

Производителите на јапонска јаболка побараа намалување на цената на сертификатот за извоз „Глобал Габ“, а голема интерес беше искажан и за плаќањето на персоналниот данок, односно за ослободувањето на земјоделските производители кои остваруваат до еден милион денари.
Сојуз на синдикат на земјоделски производители побараа да учествуваат во донесувањето на земјоделските политики, потоа да има заштитени откупни цени, а во креирањето на даночната политика да учествуваат и земјоделците. Тие побараа покрај т.н „зелена нафта“, да добиваат субвениции и за бензинот, бидејќи голем дел од површините во Струмичко се наводнуваат со пумпи кои работат на бензин. За нив е важно да биде намален рокот за исплата на откупеното производство.

За министерот Николовски барањата и прашањата на земјоделците се вистинска слика на теренот.

- Знаеме за неискористениста на државното земјоделско земјиште дадено под закуп, а ревизијата го заврши извештајот кој е доставен до мене и според него ќе преземеме конкретни мерки. Отворивме и „кол центар“ во Министерството, со цел ваквите конкретни состојби што ги знаете да ги пријавите. Во овој период имаме раскинати договори и еден таков е за површина од 700 хектари, а има и многу други, истакна министерот Николовски.

За отворањето нови пазари смета дека во последно време се создадени нови контакти и можности за пласман и извоз на македонските земјоделски производи.

-Има резултат посетата на премиерот на Владата на Република Турција, каде се разговараше конкретно за извозот на нашето јагне. Со египетскиот министер за земјоделство и покрај високите царини се договоривме на наше писмено барање да понудиме што ќе извеземе и царините да  бидат сведени на минимум. Очекуваме една голема делегација од Катар, особено во делот на земјоделството, со која ќе разговараме за извоз и пласман на нашите производите, додаде министерот Николовски.

На денешната трибина присуствуваа градоначалници и пратеници од регионот, како и директорите на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски и на Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски

 

 

 

09.03.2018 - 15:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа