Села: Тодоров бараше да се лекувам во Градска болница

 

Сведочејќи на судењето за насилствата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година, пратеникот и лидер на Алјансата за Албанците Зијадин Села, рече дека во прес-салата бил удрен со монитор и со копје од знаме и оти слушал закани упатени кон него дека ќе биде убиен.

Во еден момент бил нападнат од лица од толпата кои го фатиле за глава и го удирале со тупаници, по што изгубил свест. Последно на што се сеќава е дека паднал на колена, по што почнале да го удираат по главата и телото.

Додаде дека при нападот се обидувале да го заштитат пратениците Сурија Рушити и Реџил Исмаили, но кога тие се повлекле тој останал сам и бил нападнат од толпата.

Се освестил по два часа во канцеларијата во Собранието, каде што дошла полицијата и итна медицинска помош. Полицајците го маскирале во повреден полицаец и го одвеле во болница.

Во ходникот го сретнал тогашниот министер за здравство Никола Тодоров кој рекол дека треба да биде пренесен во Градска болница, на што се спротиставил докторот кој инсистирал Села да биде пренесен на КАРИЛ. Таму, лекарите констатирале дека бил во животна опасност и имал хеморагија. Како последица на претрпеното на 27 април, Села рече дека и денес прима терапија за болки и за слабо помнење. 

 

 

 

19.02.2018 - 12:26
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа