Во Брисел презентација на резултатите од спроведување на стратегијата ЈИЕ 2020

 

Советот за регионална соработка, чија членка е и Македонија денеска во Брисел ќе ги претстави резултатите од спроведувањето на Стратегијата за раст на регионот на Југоисточна Европа 2020 (ЈИЕ 2020), а утре ќе биде презентирано четвртото истражување на јавното мислење и стопанствениците - Балкански барометар 2018.

Стратегијата и барометарот се составен дел на механизмите, што оваа организација ги користи за следење на развојот и растот на регионот.

Двете алакти заедно даваат одличен пресек на моменталната состојба во земјите од регионот. Резултатите од спроведувањето на Стратегијата на ЈИЕ 2020 ги покажуваат ефектите на сеопфатните реформи кои економиите поединечно ги спроведуваат. Балканскиот барометар дава увид во мислењето на граѓаните и стопанствениците за тие реформи и нивните резултати.

На претставувањето на Стратегијата и ББ предвидено е обраќање на генералниот секретар на Советот, Горан Свилановиќ, како домаќин, додека утре на презентацијата на Балканскиот барометар ќе се обрати и директорката за Западен Балкан при Генералната дирекција на Европската комисија за соседство и преговори за проширување Хеновева Руис Калавера.

Советот за регионална соработка денеска во Брисел го организира петтиот годишен состанок на Управниот одбор на Стратегијата за ЈИЕ 2020, на кој се очекува Одборот да го усвои годишниот извештај за спроведување на Стратегијата.

Целта на стратегијата ЈИЕ 2020 е да ги подобри условите за живот во регионот и да ја врати конкурентноста и развојот во фокусот, внимателно следејќи ја визијата на стратегијата на ЕУ Европа 2020.

Таа ја истакнува заедничката визија на економиите во ЈИЕ да отворат до еден милион нови работни места до 2020 година, овозможувајќи пораст на вработеноста од 39 на 44 отсто, зголемување на вкупната регионална трговска размена за повеќе од двојно од 94 на 210 милијарди евра, пораст на БДП по глава жител во регионот од сегашните 36 отсто на 44 отсто и зголемување на пазарот на трудот дополнително со 300.000 висококвалификувани работници.

Балканскиот барометар (ББ) е годишно истражување на јавното мислење, кое го нарачува Советот, а го спроведе агенцијата ГфК во рамки на кое се собираат и анализираат информации од граѓани и стопанственици од регионот на различни теми, како што се вработеност, трговија, инвестиции и корупција.

Во четвртото издание на ББ, спроведено во текот на 2017 година беа опфатени шест илјади граѓани и 1.200 претпријатија.

Советот за регионална соработка е формиран во 2008 година, како наследник на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа. Советот е оперативен орган на Процесот на соработка во Југоисточна Европа и претставува централна точка за регионална соработка. Исто така, дејствува и како форум за перманентно присуство на меѓународната заедница ангажирана во регионот.

Клучната улога на Советот е подготовка и координирање на развојни проекти и создавање политичка клима што ќе овозможи севкупен економски и социјален напредок во ЈИЕ, во полза на луѓето од регионот. Работата на Советот е насочена на пет приоритетни области: eкономски и социјален развој, инфраструктура и енергетика, правда и внатрешни работи, соработка во областа на безбедноста, градење човечки капитал и парламентарна соработка.

Во него членуваат 46 земји, организации и меѓународни финансиски институции. Организацијата има Секретаријат со седиште во Сараево, предводен од генералниот секретар Свилановиќ, кој ја презеде функцијата на 1 јануари 2013 година. Освен седиштето на Сараево, Секретаријатот има канцеларија за врски во Брисел со европски и евроатлантски институции. 

 

 

 

05.07.2018 - 08:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа