Заврши средбата кај претседателот Иванов за договорот за името

 

Заврши средбата кај претседателот Ѓорге Иванов на која премиерот Зоран Заев и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров го информираа за постигнатиот договор за името.

Средбата траеше кратко, а од кабинетот на претседателот Иванов за МИА изјавија дека во текот на денот ќе излезат со став. Претседателот Ѓорге Иванов во текот на денот ќе се обрати пред граѓаните по денешната двеминутна средба со премиерот Зоран Заев и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров кои го информираа за постигнатиот договор за името, соопшти од кабинетот на шефот на државата. 

Република Северна Македонија, ерга омнес, промена на Уставот и постепено воведување на новото име во внатрешноста на земјата, зачувување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, е содржано во договорот, кој вчера во телефонскиот разговор го потврдија премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас, а потоа и ја информираа јавноста во своите земји за постигнатото во обидите да се стави крај на 25-годишниот спор.

Договорот, како што најави премиерот Заев, утре ќе биде разгледан на владина седница и ќе биде презентиран пред сите релевантни политички субјекти. 

По потпишувањето на договорот од страна на двајцата премиери, тој треба да биде ратификуван во парламентите на двете држави.

 

 

 

13.06.2018 - 11:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа